Придобивки за децата од носење

#ЗоштоНосење

Најголем дел од истражувањата посветени за придобивките од допир или ‘skin-to-skin’ контакт се однесуваат на предвремено родени новороденчиња чија телесна тежина е < 2 kg. Светската Здравствена Организација (СЗО) препорачува употреба на марами со цел воспоставување на контакт помеѓу предвремено родените мали бебиња и родителите, ефект кој е познат под теминот ‘kangaroo care’. Водејќи се од позитивните придобивки на kangaroo care, бројни истражувања се посветени на придобивките од носење и на навремено роденитe новороденчиња. Издвојуваме неколку од нив.

Емоционални придобивки

Носилката му дава сигурност на новороденчето како во утробата на мајката.

Првите неколку месеци по раѓањето ги нарекуваме “четврто тромесечје” во кое на нашите малечки сме им потребни повеќе од кога било за да им го олесниме нивниот премин во новиот и голем свет. Стресни околности и пролонгирано лачење на кортизол и адреналин можат штетно да влијаат врз развој на мозокот, а спротивно на тоа продолжениот близок контакт со мајката смирува и помага детето полесно да се прилагоди на новата средина. Доколку родителот и детето по раѓањето биле одделени одреден временски период поради медицински причини, инкубација или породување со царски рез, начинот на поврзување преку продолжен близок контакт/skin-to-skin е од голема значајност.

Блискиот контакт преку носењето исто така позитивно влијае врз емотивната поврзаност кај посвоените деца како и за поврзување со другите членови коишто учествуваат во грижата, што ќе овозможи поврзување на нов начин и создавање на посилни врски помеѓу детето и луѓето коишто го сакаат.

Физички придобивки

Познато е дека блискиот контакт го подобрува растот и помага во зголемување на телесната тежина кај предвремено родените бебиња и кај новороденчињата. Нивото на кортизол се одржува на ниско ниво кога бебињата се блиску во допир со мајката, што овозможува заштеда на енергија што може да се искористи за раст и развој.  

‘Skin-to-skin’ блискиот контакт игра важна улога во воспоставувањето на рано доење, а бебињата кои имаат ран близок контакт по раѓањето дојат подолго од оние кои немале ран близок контакт со мајката. Блискиот контакт во првите часови по раѓањето резултира со поголема стимулација за лачење на млеко кај мајката. Носењето овозможува близок контакт кој стимулира лачење на хормон окситоцин кој е одговорен за стимулација на млеко кај доилки.

Се верува дека честиот близок контакт со кожа им помага на бебињата да регулираат деноноќни ритми и да разликуваат ноќно и дневно спиење. Сите знаеме дека бебињата спијат добро кога се носат во раце а уште повеќе за тоа придонесуваат движењето и звуците. При движење срцевото отчукување на бебето се забавува, а дишењето се стабилизира и бебето се смирува.

Резултатите од бројни студии покажуваат и дека бебињата кои се носени плачат помалку  а тоа се поврзува со брзиот одговор на потребите на детето кога родителот е до него, па плачењето е последната фаза на комуникација. Помалку плачење може да го подобри меѓусебното поврзување и разбирање помеѓу родителот и детето  и да овозможи повеќе време за запознавање со светот и позитивни интеракции со околината.

Извор:

1. Kangaroo Mother Care: a Practical Guide. WHO: Geneva; 2003

2. Why Babywearing Matters, Rosie Knowles

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

МЕНИ

Сите права се задржани

0